ВАЈЦ СО ОСТРА ПОРАКА – Уставните измени се услов без кој нема напредок на Македонија кон ЕУ
Борбата против корупцијата и владеењето на правото остануваат клучни во извештајот на Европскиот парламент

Уставните измени се јасен услов за напредок на Северна Македонија на патот кон Европската Унија и за нив не може да се преговара, изјави европратеникот и известувач за земјава, Томас Вајц, во интервју за БГНЕС.
„Уставните измени се барање. Тоа не подлежи на преговори. Ако нема исполнување на овие критериуми и услови, нема да има напредок на патот кон пристапувањето“, истакна Вајц.
Тој додава дека има јасна комуникација со Владата дека овој услов мора да биде исполнет.
Осврнувајќи се на извештајот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Вајц посочи дека процесот на поднесување амандмани е во почетна фаза. Според него, сите членови и известувачи во сенка имаат можност да предложат измени, а преговорите околу финалниот текст се очекува да траат до мај.
Тој објасни дека должината на првиот нацрт на извештајот е ограничена според правилата на Европскиот парламент, но преку амандманите документот ќе биде дополнет со нови формулации и параграфи.
Говорејќи за состојбата со корупцијата, Вајц нагласи дека таа останува сериозен предизвик не само за земјите од Западен Балкан, туку и за многу држави во Европската Унија. Во извештајот, како што посочи, јасно се наведува дека се потребни дополнителни напори во борбата против корупцијата, како и поголем напредок во владеењето на правото.
Документот, додаде тој, ги опфаќа и прашањата поврзани со пристапот до правда, слободата на медиумите, граѓанското општество и заштитата на животната средина, кои се важни за исполнување на Копенхашките критериуми.
На прашањето за изјавите од Скопје дека постои недоверба кон Бугарија и страв од нови билатерални услови, Вајц повтори дека позицијата на европските институции е јасна, без уставни измени нема напредок во преговорите за членство во ЕУ.


