ЉУТКОВ И ЕРСОЈ НАЈАВУВААТ – Нова ера на туризам и култура меѓу Македонија и Турција
Двајцата министри се договорија за заеднички проекти, дигитализација на културното наследство и поголем прилив турски туристи во Македонија.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој престојува во работна посета на Република Турција, вчера во Анкара оствари билатерална средба со турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој.
На средбата, на која присуствуваа и националниот координатор за туризам Акан Махмут и амбасадорот Јован Манасиевски, двајцата министри ја потврдија традиционално добрата соработка меѓу двете земји и изразија заложба за понатамошно унапредување на културните и туристичките врски, со посебен фокус на стабилноста и просперитетот во регионот.
Љутков и Ерсој нагласија подготвеност за продлабочување на соработката преку заеднички проекти, вклучувајќи дигитализација на културното наследство, развој на креативните индустрии, копродукции и унапредување на културниот туризам.
Министрите разговараа и за конкретни мерки за зголемување на бројот на турски туристи во Македонија, како и за можностите за привлекување турски инвеститори во туристичката инфраструктура.
Договорено е во наредниот период да се работи на конкретни заеднички проекти за дополнително зацврстување на пријателството и партнерството меѓу двете земји.
На крајот од средбата, Љутков упати покана до министерот Ерсој наскоро да ја посети Македонија.


