ЈУТА ЛЕРДАМ БЛЕСКА НА ОЛИМПИЈАДАТА – Злато, сребро и маркетинг успех
Холандската брзолизгачка ја комбинира спортската кариера со маркетинг вредност од стотици илјади евра.

На Зимските олимписки игри во Милано и Кортина д’Ампецо, холандската брзолизгачка Јута Лердам блесна, освои злато на 1.000 метри и сребро на 500 метри, потврдувајќи ја својата врвна форма.
Покрај медалите, задоволство имаше и нејзиниот личен спонзор „Најк“. Олимписките правила дозволуваат видливост само на логото на официјалниот производител на опремата, а останатите реклами се строго ограничени. Иако Холандската федерација соработува со „Фила“, Лердам има приватен договор со американскиот бренд. Затоа под аеродинамичниот костим носеше спортски градник со логото на „Најк“, кој го покажуваше пред публика по секоја трка.
Со 6,2 милиони следбеници на Инстаграм, секое нејзино појавување има голема маркетиншка вредност. Според експерти, Лердам од „Најк“ заработува околу 850.000 евра годишно, а секоја спонзорирана објава на социјалните мрежи може да ѝ донесе приближно 62.000 евра.


