УСТАВНИОТ СУД – Измените за „Безбеден град“ се во согласност со Уставот

Оспорувањата се однесуваа на доставата на известувања, сообраќајните налози и примената на системот само во три града.

УСТАВНИОТ СУД – Измените за „Безбеден град“ се во согласност со Уставот
Фото: Национал

Уставниот суд на денешната 7. седница ги отфрли сите иницијативи со кои се оспоруваше уставноста на законските измени во Законот за прекршоци поврзани со системот „Безбеден град“.

Судиите оценија дека измените не се во спротивност со Уставот и ги одбија иницијативите поднесени од двете крила на Алијансата за Албанците предводени од Зијадин Села и Арбен Таравари како и од студентот Или Пачуку, со кои се бараше поништување на, како што ги нарекоа, „спорните“ одредби.

Оспорувањата се однесуваа на делови од Законот за прекршоци што се однесуваат на доставата на известувања, издавањето записници за сторени сообраќајни прекршоци преку сообраќаен патен налог, како и на постапката за прифаќање или неприфаќање одговорност за сторен прекршок. Подносителите на иницијативите, исто така, укажуваа дека системот „Безбеден град“ се применува само во Скопје, Куманово и Тетово, што според нив претставува селективна територијална примена.

Судијката известител Ана Павловска-Данева образложи дека во Законот за прекршоци нема одредба што ја ограничува употребата на јазиците. Таа посочи дека нема потреба во секое процесно дејствие поединечно да се наведува примената на Законот за употреба на јазиците, а поседувањето мобилен телефон како средство за комуникација не е во спротивност со Уставот.

Во однос на наводите за можни злоупотреби на личните податоци, Павловска-Данева истакна дека постои Закон за заштита на личните податоци и дека и Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за заштита на личните податоци дале согласности со кои се гарантира заштитата на приватноста на граѓаните.

Пред Уставниот суд, сепак, останува уште еден предмет поврзан со системот „Безбеден град“, кој се однесува на одредби од Кривичниот законик, меѓу кои и членовите 297 и 300-б, што опфаќаат и можност за одземање возила.

На денешната седница, Судот донесе и одлука да ја запре постапката за оценување на уставноста на измените на Законот за платите на судиите од 2024 година, бидејќи тие повеќе не се дел од правниот поредок. Истовремено, по сопствена иницијатива, Судот поведе нова постапка за оценување на уставноста на најновите измени на истиот закон, донесени во февруари годинава.

CATEGORIES
Share This