УКИНАТО ЛИНЕАРНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ – Пензиите се враќаат на старото процентуално усогласување
Премиерот тврди дека одлуката е веќе потпишана и дека 70% од пензионерите ќе добијат помал износ.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за пратенички прашања изјави дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите. Според него, ова ќе значи дека од следниот месец најголемиот дел од пензионерите ќе добиваат пониски пензии отколку што очекувале.
Тој посочи дека одлуката била потпишана од уставна судијка која ја иницирала постапката без да го спомене нејзиното име, но упатувајќи ги критиките кон Добрила Кацарска. Мицкоски ја нарече „архетип на неправдата“ и рече дека 70% од пензионерите, поради укинувањето на линеарниот модел, ќе добијат помала пензија, наместо најавените 1.000 денари дополнително.
„Последните информации се дека одлуката е донесена и потпишана, и дека пензионерите ќе се вратат на процентуалното усогласување според стариот закон“, изјави премиерот, додавајќи дека ова ќе го намали фискалниот товар врз буџетот.
Премиерот оцени дека укинувањето на линеарниот модел не е фер, бидејќи тој бил воведен за да им помогне на пензионерите со ниски примања, „жртви на транзицијата“. Според него, мерката требало да го намали степенот на сиромаштија и да го подобри животниот стандард.
Истовремено, Мицкоски најави дека очекува Уставниот суд да ја укине и одредбата за замрзнување на платите на судиите и обвинителите, што би довело до нивно значително зголемување.
„На пензионерите им се укинува правото, а на судиите и обвинителите ќе треба да им се одмрзнат платите. Тоа не е праведно“, рече тој, додавајќи дека во судството „малкумина ја контаминираат професијата“ и дека Владата ќе преземе мерки.
Пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска предупреди дека во буџетот и во Фондот за пензиско нема доволно средства за исплата на декемвриските пензии. Според неа, трансферите од Министерството за социјална политика кон ПИОМ се веќе целосно реализирани, а средствата што ги имал Фондот биле потрошени во ноемвриската исплата.
Таа обвини дека Владата направила непокриени зголемувања и дека дефицитот на Фондот е продлабочен поради „финансиски неодговорни и популистички одлуки“.
Во 2023 година трансферот кон ПИОМ изнесувал 29 милијарди денари, во 2024 година бил зголемен на 38 милијарди, во буџетот за 2025 е 50 милијарди, а во предлог-буџетот за 2026 – 62 милијарди денари. Според Тренчевска, дупката во Фондот изнесува над 1 милијарда евра.
„Пензиите мора да се исплатат, но каде ќе најдете средства, кога во буџетот ги нема?“, праша таа.
Заменик-министерот за социјална политика Ѓоко Велковски ја обвини Тренчевска дека шири паника и рече дека пензии на 1 декември ќе има.
„Сето тоа се лаги и ќе биде демантирано за неколку дена“, изјави Велковски.

