УЧЕНИЦИТЕ ЗНААТ ПОИМИ – Но не умеат да ги применуваат во животот
Слободни изборни предмети и интеграција во наставата од основно до средно образование

Истражувањето „Анализа на финансиската писменост во основното образование“, спроведено од Бирото за развој на образованието, покажува дека учениците имаат познавање на базичните финансиски поими, но недостасува нивна примена во секојдневниот живот. Според податоците на ОЕЦД, само околу 56% од населението е финансиски писмено, што се оценува како незадоволително.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека Министерството, во соработка со Бирото за развој на образованието, Народната банка, Министерството за финансии, УЈП, Асоцијацијата на банките и други институции, развива програми за најмладите за управување со средства, штедење, вложување и проценка на финансиски ризици. Таа додаде дека целта е знаењата од финансиската писменост да се применуваат во иднина.
Директорката на Бирото, Милка Тримчевска, посочи дека извештајот за финансиска писменост дава конкретни насоки за подобрување на наставата и носење одговорни финансиски одлуки од страна на учениците. Финансиската писменост досега е дел од слободните изборни предмети од четврто до деветто одделение, а е интегрирана и во содржини од други предмети како Иновации, Математика, Животни вештини и Општество.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, нагласи дека многу финансиски производи се комплексни и често рекламирани на начин што е тешко разбирлив за граѓаните. Тој истакна дека финансиската едукација е клучна за одговорно и свесно однесување и дека постои глобален тренд на интегрирање на финансиската писменост во наставата по финансиската криза во 2008-2009 година.
Според истражувањето на „Стандард и Пурс“, само околу една третина од возрасните во светот се финансиски писмени, што ја истакнува потребата од систематски приод во едукацијата. Народната банка развива едукативни материјали, игри и предавања насочени кон учениците и студентите, како и посебни програми за професии како полиција, армија и здравство.
Некои од препораките на анализата вклучуваат интегрирање финансиски теми во различни предмети од најрана возраст, целогодишно предавање на финансиски содржини во одредени предмети, активни педагошки пристапи кон учениците, постојан професионален развој на наставниците, реалистично оценување на знаењата преку примери од секојдневниот живот и зајакната соработка меѓу институции, невладини организации и медиуми, под водство на МОН и Бирото.
Анализата заклучува дека зајакнувањето на финансиската писменост кај младите е долгорочна инвестиција која ќе го зголеми капацитетот на идните генерации за лична благосостојба и национален социо-економски развој.


