УЧЕНИЦИТЕ НА ЕУ – Црна Гора блиску до членство, Македонија повторно „на поправен“

Албанија, Молдавија и Украина добија повисоки оценки, а Македонија останува меѓу земјите „задржани на час“.

УЧЕНИЦИТЕ НА ЕУ – Црна Гора блиску до членство, Македонија повторно „на поправен“
Фото: Национал

Црна Гора повторно го задржа статусот на најнапреден кандидат во процесот на проширување на Европската унија, освојувајќи „одлична оценка“ во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати.

Албанија е оценета со „шест минус“, Молдавија со „пет плус“, а Украина доби стабилна „петка“ за спроведените реформи и напредокот во усогласувањето со европските стандарди.

Во извештајот дури се наведува дека Црна Гора би можела да стане членка на ЕУ уште во 2027 година.

Северна Македонија е оценета со „тројка“, што укажува на ограничен напредок и задржување на речиси исто ниво како минатата година. Според бриселскиот портал Политико, земјата е ставена во групата држави кои се „задржани на час“, заедно со Србија и Босна и Херцеговина, оценети со „двојка“.

Иако во 2019 година го постигна историскиот договор со Грција и го промени уставното име, преговорите со ЕУ остануваат блокирани поради нерешениот спор со Бугарија и барањето за уставни измени, односно вклучување на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.

Во извештајот се забележува одреден економски напредок и целосно усогласување со надворешната и одбранбената политика на Унијата, но генералната оценка останува „без значителен напредок во споредба со минатата година“, пренесува Политико, повикувајќи се на извори од Европската комисија.

Турција, според извештајот, и натаму е опишана како „ученик кој бега од часови“, бидејќи преговорите со неа се замрзнати од 2018 година поради проблеми со владеењето на правото и човековите права.

Косово, пак, кое сè уште нема статус на официјален кандидат, останува на маргините на процесот сè додека не биде признаено од сите земји-членки на Европската унија.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос попладнево ќе го претстави пакетот извештаи пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. По презентацијата ќе следи расправа посветена на резултатите и предизвиците со кои се соочуваат земјите кандидати и потенцијалните кандидати на нивниот пат кон членство во ЕУ.

Европската комисија уште еднаш ја нагласува својата решителност да го продолжи процесот на проширување и визијата за „обединета Европа“, но воедно укажува на пропустите и слабостите во спроведувањето на реформите во секоја од земјите кандидати.

CATEGORIES
TAGS
Share This