УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ ОДАТ НА НАСТАВА ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТ Нема предвремено распуштање поради загадувањето
Отсуствата од ден-два не се проблем доколку нема сериозни здравствени причини

Учениците ќе ја следат наставата до крајот на месецов, по што ќе заминат на зимски распуст. Министерството за образование и наука (МОН) нема да ја скрати наставата поради загадувањето.
Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека остануваат уште малку денови до распустот и дека нема информации дека здравјето на учениците е загрозено. Таа истакна дека доколку од здравствени причини учениците отсуствуваат ден-два, тоа не претставува проблем.
„Треба да ја напуштиме негативната пракса од минатото, кога по различни причини се скратуваа учебните денови“, рече Јаневска. Таа додаде дека во некои европски земји децата продолжуваат со настава дури и кога се болни, сè додека нивното здравје не е сериозно загрозено.
Јаневска додава:
„Ако здравјето е во прашање, лекарите и родителите ќе одлучат. Но, ако нема сериозен проблем, отсуството од ден-два не е проблем. Проблем би било ако учениците отсуствуваат поради поевтин одмор или подготовка за писмена, како што се случуваше во минатото. Тие негативни практики полека ќе ги елиминираме, но секогаш ќе одлучуваме во корист на здравјето на децата“, заклучи Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Економскиот факултет на УКИМ.


