ЉУБОВ И ГЛАМУР ДО МАКСИМУМ – Шест дена свадбена магија за Венус Вилијамс
Италијанскиот актер Андреа Прети го освои срцето на американската тениска легенда

Седумкратната грен слем шампионка, американската тенисерка Венус Вилијамс (45), се омажи за италијанскиот актер Андреа Прети (37), со втора венчавка што се одржа во Палм Бич, Флорида.
Првата церемонија беше во септември во Италија, но бидејќи Венус не е италијанска државјанка, парот мораше да чека осум месеци за официјални документи за брак, па решија да направат уште една венчавка во САД. Свадбата во Флорида траеше шест дена.
Вилијамс го запозна Прети на модната недела во Милано, а се свршија во јануари оваа година во Тоскана. „По нашите средби во Лондон, знаев дека ќе се омажам за него“, изјави Венус за списанието „Вог“. Таа додаде дека нејзината сестра, Серена Вилијамс, им подарила јахта за венчавката.
„Серена ни подари прекрасна јахта и помогна речиси со се‘ за организирање на венчавката. Најблиските пријатели и семејство, околу десет до дванаесет лица, се собраа на јахтата – пеевме, танцувавме и уживавме во друштвото“, рече Венус.
Вилијамс се врати на тенискиот терен на Отвореното првенство на САД оваа година, по двегодишно привремено пензионирање. На грен слем турнирот во Њујорк стигна до четвртфиналето во двојки, додека во поединечна конкуренција заврши во првото коло.


