УБИЕН 25 – ГОДИШЕН СТУДЕНТ ОД ТУРКИЈЕ Убиецот уапсен по драматично бегство

Според неофицијални информации, и жртвата и напаѓачот се студенти од Турција.

УБИЕН 25 – ГОДИШЕН СТУДЕНТ ОД ТУРКИЈЕ Убиецот уапсен по драматично бегство

Синоќа околу 21:30 часот, во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип, бил убиен 25-годишниот странски државјанин Е.О., потврдија од Клиничката болница во Штип. Жртвата била донесена во болницата без знаци на живот и со повеќе прострелни рани. И покрај обидите на медицинскиот тим за реанимација, лицето починало.

Министерството за внатрешни работи го пронајде и уапси осомничениот. Основното јавно обвинителство Штип денеска потврди дека осомничениот е приведен, а е пронајдено и оружјето со кое било извршено убиството.

„Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено. Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка“, соопштија од ОЈО.

Според неофицијални информации, и жртвата и напаѓачот се студенти од Турција. Јавен обвинител ноќеска изврши увид на местото на настанот во кафе-барот каде што биле испукани истрели со огнено оружје.

По извршеното кривично дело, осомничениот се обидел да побегне од полицијата. Бил пресретнат кај наплатната рампа кај Миладиновци, каде што не застанал и со возилото насилно ја пробил рампата. Полицијата отворила оган, но тој успеал да се оддалечи. Возилото било пронајдено неколку километри подоцна, напуштено на автопатот.

Истражните органи продолжуваат со собирање на доказите и покренување соодветна кривична постапка.

Инаку на социјалните мрежи по полноќ се појавија видеа на кои се гледа како возило насилно ја пробива рампата на една од патарините на автопатот Штип–Скопје, што се поврзува со обидот за бегство по извршеното убиство.

CATEGORIES
Share This