ТВРДЕЊЕ ОД ПОРАНЕШЕН АМЕРИКАНСКИ АМБАСДОР – БиХ можела да се распадне уште во 2021

Изетбеговиќ категорично ги демантира обвинувањата и тврди дека никогаш не се разговарало за територијална поделба.

ТВРДЕЊЕ ОД ПОРАНЕШЕН АМЕРИКАНСКИ АМБАСДОР – БиХ можела да се распадне уште во 2021
Фото: Принтскрин

Поранешниот американски амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи, предизвика реакции во јавноста со тврдења поврзани со разговорите за уставните реформи во 2021 и 2022 година, во кои ја спомена можноста дека тогашниот лидер на СДА, Бакир Изетбеговиќ, наводно бил подготвен да прифати сценарио за поделба на БиХ.

Според Марфи, во тој период Изетбеговиќ на состаноци со американски претставници наводно изјавил дека би можел да живее со поделена БиХ, при што бошњачкиот дел би бил со приближна големина на Словенија. Тој додаде дека ова можеби било сигнал и кон актуелната американска администрација, истовремено доведувајќи ја во прашање цврстината на политиката на САД за територијалниот интегритет на БиХ.

Изетбеговиќ веднаш ги отфрли овие тврдења, нагласувајќи дека никогаш не разговарал за поделба на државата со американски или други меѓународни претставници. Според него, темите на разговор тогаш се однесувале исклучиво на Изборниот закон и барањата на ХДЗ БиХ, кои, како што рече, ги одбил бидејќи би довеле до дополнителна етничка поделба.

По објавата на Марфи, реагираа и политички противници на СДА, кои оценија дека ваквите изјави ја доведуваат во прашање политиката на Изетбеговиќ и интегритетот на неговата партија. Дел од нив го обвинија за политички компромиси, додека други нагласија дека тврдењата укажуваат на подлабоки политички поделби во земјата.

Од СДА и нејзините сојузници ги отфрлија ваквите толкувања, оценувајќи дека Марфи со своите изјави се обидува да влијае на политичката сцена во БиХ и да им помогне на опозициските партии.

Паралелно со оваа дебата, Народното собрание на Република Српска усвои декларација со која се бара укинување на функцијата на високиот претставник во БиХ и затворање на неговата канцеларија. Во документот се наведува дека сите одлуки донесени од актуелниот висок претставник, Кристијан Шмит, немаат правна сила во БиХ.

Претседателот на НСРС, Ненад Стевандиќ, изјави дека високата канцеларија треба да престане со наметнување одлуки и дека надлежностите треба целосно да се вратат на домашните институции, во согласност со Дејтонскиот мировен договор.

CATEGORIES
TAGS
Share This