ТРКА ЗА ОБВИНИТЕЛ – Пет кандидати за функцијата што ја води правдата

Огласот на Собранието истече, конечната листа ќе се затвори по пристигнување на пријавите по пошта

ТРКА ЗА ОБВИНИТЕЛ – Пет кандидати за функцијата што ја води правдата
Фото: Национал

Петмина кандидати се пријавиле на огласот на Собранието за избор на јавен обвинител на Република Северна Македонија, кој истече ноќеска на полноќ. Од собраниската прес-служба информираат дека конечната листа ќе се затвори за два до три дена, поради можни пријави испратени по пошта кои сè уште не се пристигнати.

Иако официјално не ги објавуваат имињата, дел од кандидатите самите ја потврдија својата кандидатура. Станува збор за актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ.

Савевски и Раичевиќ за МИА ја потврдија кандидатурата, додека Ристовска и Тополова-Исајловска тоа го направија преку изјави за медиумите. Кандидатурата претходно ја потврди и Владимир Панчевски, кој во пријавата доставена до Собранието на 21 јануари навел дека ги исполнува сите законски услови за вршење на функцијата државен јавен обвинител. Во документацијата, како што наведува, доставил докази за исполнување на општите и посебните услови утврдени со Законот за Јавното обвинителство.

Поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулах, иако претходно најави кандидатура, се откажал од учество во постапката.

Функцијата државен јавен обвинител се испразни по неотповикливата оставка на Љупчо Коцевски во декември минатата година. На негово место беше именувана Анита Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, но таа може да ја извршува функцијата најмногу шест месеци.

Од Собранието денеска информираа дека до нивната архива се доставени четири пријави, без да наведат кои се подносителите, што остава можност конечниот број да се зголеми по пристигнување на пријавите по пошта.

Постапката за избор започна на 12 јануари со распишување на јавен оглас, со рок од 15 дена од објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите треба да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Според законската процедура, пријавите се доставуваат до Владата, која побарува мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложено мислење за секој кандидат. Доколку нема позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата е должна да предложи распишување нов оглас. Новиот државен јавен обвинител се избира со најмалку 61 глас во Собранието.

CATEGORIES
Share This