ТРИПУНОВСКИ ДЕЦИДЕН – Нема кратење на субвенциите

Министерот Цветан Трипуновски уверува дека со новата Програма за директни плаќања нема да има намалување на субвенциите, туку пофер распределба на средствата.

ТРИПУНОВСКИ ДЕЦИДЕН – Нема кратење на субвенциите
Фото: Национал

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, од собраниската говорница денеска категорично ги отфрли обвинувањата дека со новата Програма за директни плаќања се предвидува кратење на земјоделските субвенции.

Тој нагласи дека реформите имаат за цел воспоставување ред и фер распределба на државната поддршка, при што средствата ќе стигнуваат до вистинските земјоделци, а не ќе се користат ненаменски. Како една од најзначајните новини ги посочи зголемените минимални прагови за користење субвенции, кои, како што истакна, нема да се применуваат веднаш.

„Зголемувањето на праговите нема да се реализира во првата година од примената на Програмата, туку постепено, во наредните две години. Предвидена е посебна мерка со која корисниците што во моментов не ги исполнуваат условите ќе имаат рок од максимум две години да се усогласат и да преминат во повисока категорија“, објасни Трипуновски.

Според министерот, ваквиот пристап целосно ги негира тврдењата на опозицијата. Тој порача дека „паѓа во вода манипулацијата дека малите земјоделци ќе останат без субвенции“, потенцирајќи дека финансиската поддршка нема да се намалува, туку ќе биде поефикасно и поправедно распределена.

CATEGORIES
Share This