ТРАМП ПРОТИВ МЕРЦ – Германија не помага, Ормутскиот теснец е блокиран
Трамп ја критикува Германија за нејзината улога во обезбедувањето на Ормутскиот теснец и ја доведува во прашање поддршката на НАТО.

Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше германскиот канцелар Фридрих Мерц поради, како што вели, недоволниот ангажман на Германија во обезбедувањето на Ормутскиот теснец, клучна точка за глобалната трговија со нафта.
На конференцијата „Иницијатива за идни инвестиции“ во Мајами, Трамп најпрво упати критики кон сојузниците од НАТО, особено Франција и Велика Британија, а потоа се осврна и на Германија. Тој ја оцени како „несоодветна“ пораката дека војната „не е нивна“, изјава која првично ја даде германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Од германска страна, сепак, пристигнуваат поинакви сигнали. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека на состанокот на Г7 тензиите со САД биле намалени и дека разговорите се одвивале во „пријателска атмосфера“.
Во меѓувреме, Мерц сè поотворено ја критикува американската политика кон Иран. Тој предупреди дека потезите на Трамп не водат кон деескалација, туку кон „масовна ескалација со неизвесен исход“. Германскиот канцелар, исто така, изрази сомнеж во целите на САД, особено кога станува збор за евентуална промена на режимот во Иран, оценувајќи дека таквите стратегии често завршуваат без успех.
Во директен телефонски разговор, Мерц му порачал на Трамп дека Германија е подготвена да помогне, но само ако биде навреме консултирана. Тој остро реагирал на јавните критики, нагласувајќи дека таквиот пристап е „неприфатлив“.
Трамп, пак, продолжува да врши притисок врз НАТО-сојузниците да се вклучат во обезбедувањето на Ормутскиот теснец, кој е сериозно нарушен поради конфликтот со Иран. Тој дури и ја доведе во прашање идната поддршка на САД кон партнерите од Алијансата, алудирајќи дека нивната неактивност може да има последици.
И покрај растечките тензии, од Вашингтон доаѓаат сигнали за можни дипломатски напори. Специјалниот претставник Стив Виткоф најави дека во наредните денови се очекуваат разговори со Иран, како дел од иницијативата за прекин на конфликтот, врз основа на предложениот американски план од 15 точки.
Иако војната трае веќе четири недели, крајот сè уште не е на повидок а реториката меѓу сојузниците станува сè поостра.
