ТРАМП ПРИЗНА ПРОБЛЕМ ПО УБИСТВОТО НА ХАМНЕИ Повеќе не знаеме со кого имаме работа
Ирански генерал тврди дека Вашингтон направил стратешка грешка верувајќи дека иранското раководство ќе се распадне. Американскиот претседател признава дека сега е тешко да се утврди со кого може да преговара.

Соединетите Американски Држави направиле стратешка грешка верувајќи дека иранското раководство ќе се распадне по убиството на врховниот лидер Али Хамнеи, оцени генералот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), Џадолах Џавани.
Според него, Вашингтон погрешно ја проценил стабилноста на Иран и не ја разбрал реалноста на иранското општество, пренесува иранската новинска агенција Фарс.
Џавани истакна дека САД вршат континуиран притисок врз Техеран уште од периодот пред претседателскиот мандат на Доналд Трамп, но дека тие напори не ги постигнале посакуваните резултати поради, како што рече, „упорноста и решителниот одговор“ на Иран.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД можеби претерале со таргетирањето на иранското раководство, оценувајќи дека Вашингтон сега се соочува со проблем да утврди со кого може да преговара.
„Можеби отидовме предалеку со лидерите, бидејќи повеќе не знаеме со кого, по ѓаволите, имаме работа“, рече Трамп на митинг во Јангстаун, Охајо, објави „Фајненшл експрес“.
Тој тврдеше и дека потенцијалните кандидати не сакаат да ја преземат највисоката политичка функција во Иран.
„Никој не сака да биде претседател на Иран“, изјави американскиот претседател.
Масуд Пезешкијан е претседател на Иран од јули 2024 година. Функцијата претседател, сепак, е различна од позицијата врховен лидер, која има клучна улога во политичкиот и безбедносниот систем на земјата.
Изјавите на Џавани и Трамп ја отвораат дилемата дали американската стратегија кон Техеран ги постигнува своите цели или, напротив, создава дополнителни пречки за политичко решение и евентуални преговори.

