ТРАМП ПОПУШТА КОН КИМ Воените вежби со Јужна Кореја скратени по наредба од Вашингтон
Вежбите наместо до 27 август ќе завршат шест дена порано, а Сеул оценува дека одлуката е дел од поширок притисок на Вашингтон поврзан со Северна Кореја, Иран и јужнокорејските инвестиции во САД.

Заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја „Улчи Слободен Штит“ ќе бидат скратени по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп. Наместо до 27 август, вежбите ќе завршат на 21 август, при што дел од активностите се откажани или претворени во симулации, а е намален и бројот на вежби со боева муниција.
Како една од причините за одлуката, Трамп го посочил својот „многу добар“ однос со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Сепак, според јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Хјун, потегот има и поширока политичка заднина.
Чо смета дека Вашингтон со намалувањето на воените вежби врши притисок врз Сеул да ги поддржи американските напори во војната против Иран. Според него, пораката на Трамп се однесува и на други отворени прашања меѓу двете земји, вклучително и јужнокорејските инвестиции во САД.
Јужнокорејскиот министер оцени дека одлуката истовремено може да претставува порака до Северна Кореја и обид на Вашингтон да најде излез од ќорсокакот во конфликтот со Иран.

