ТРАМП ГО ОТСЕЧЕ ИРАН Хормутскиот теснец е отворен за сите, освен за нив – најави целосна блокада
Американскиот претседател најави целосна блокада на бродовите што пловат кон или од иранските пристаништа и порача дека Техеран никогаш нема да има нуклеарно оружје.

Американскиот претседател Доналд Трамп денес соопшти дека Ормутскиот теснец е целосно отворен за меѓународниот поморски сообраќај, но не и за Иран, најавувајќи целосна блокада на бродовите што пловат кон или од иранските пристаништа.
Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп истакна дека непречениот проток на нафта низ Ормутскиот теснец е резултат на, како што рече, силата и дејствувањето на американската војска. Тој упати пофалби до американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, претседателот на Здружениот генералштаб Ден Кејн и командантот на Централната команда на САД, адмирал Бред Купер.
„Благодарение на нив и на сите припадници на најмоќната војска во светот, Хормутскиот теснец е отворен за сите бродови, освен за Иран. Причината е лажливото, насилно и злонамерно раководство кое ја води земјата кон целосно уништување“, напиша Трамп.
Според него, САД ќе воведат целосна блокада за сите бродови што пловат кон или од иранските пристаништа, како и за пловилата што превезуваат стока поврзана со Иран. Во истата објава, Трамп соопшти и дека се откажува од претходно најавената американска царина од 20 проценти, по, како што наведе, „многу продуктивните разговори“ со лидерите на земјите од Персискиот Залив.
Наместо тоа, Вашингтон ќе склучува трговски и инвестициски договори со државите од регионот.
„Тие инвестиции ќе бидат огромни и ќе бидат исклучително корисни и за нив и за нивната иднина. Новите фабрики, производствени капацитети и опрема ќе дојдат во Соединетите Американски Држави во историски обем, што ќе создаде милиони добро платени работни места за американските граѓани“, истакна Трамп.
Тој оцени дека САД повторно бележат големи успеси на меѓународната сцена и повтори дека Иран, според него, никогаш нема да поседува нуклеарно оружје.
„Деновите кога Иран убиваше стотици илјади луѓе, вклучително и 52.000 демонстранти, завршија. Најважно од сè, Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје“, порача американскиот претседател.


