ТРАМП ГИ ОДЛОЖУВА ЦАРИНИТЕ ДО 1 АВГУСТ, најавени нови мерки за повеќе земји
Одлуката, како што најави неговата портпаролка Каролин Ливит, ќе биде официјализирана денеска со потпишување на соодветен декрет.

Американскиот претседател Доналд Трамп планира да го одложи рокот за воведување нови царини, првично закажан за 9 јули, до 1 август.
До тогаш, доплатите за увоз ќе бидат замрзнати, додека преговорите со Европската Унија и други партнери продолжуваат. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веќе телефонски разговарала со Трамп, при што според ЕУ, разговорите се во „последна фаза“, без дополнителни детали.
Истовремено, Трамп преку својата онлајн платформа Truth Social објави 14 предупредувачки писма со најави за нови царини. Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и други земји може да се соочат со царини од 25 до 40 проценти, доколку не се постигнат билатерални договори. Белата куќа предупреди дека доколку некои од овие држави возвратат со сопствени царини, САД ќе одговорат со дополнително зголемување.
Според американскиот министер за финансии Скот Бесент, се очекува брзо склучување на низа договори. Тој откри дека слични писма биле испратени до околу 100 држави, со порака дека без договор ќе се вратат условите од 2 април, кога беше претставен новиот царински пакет.
Новите царини се дел од пошироката стратегија на Трамп за поттикнување домашно производство и намалување на трговскиот дефицит.


