ТРАМП ДО ЗЕЛЕНСКИ Нема враќање на Крим и нема НАТО за Украина
За денеска (18.08.) е закажан состанок меѓу Трамп и Зеленски во Вашингтон, каде што ќе продолжат разговорите за можностите за мир.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот лидер Владимир Зеленски може „речиси веднаш“ да ја заврши војната, доколку се откаже од барањето за враќање на Крим и ако се согласи Украина никогаш да не стане членка на НАТО.
„Зеленски може да ја заврши војната против Русија веднаш, ако сака. Нема враќање на Крим, кој беше предаден од Обама пред 12 години, без ниту еден испукан куршум, и нема НАТО за Украина. Некои работи никогаш не се менуваат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Истина“.
На 15 август, во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ, Алјаска, се одржа средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин.
Разговорите во формат „три на три“ траеја два часа и 45 минути. Од руската страна присуствуваа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и претседателскиот помошник Јуриј Ушаков, а од американската – државниот секретар Марко Рубио и специјалниот претставник на претседателот, Стивен Виткоф.
Иако конечен договор сè уште не е постигнат, Трамп изјави дека постојат „добри шанси“ за решение. Тој го повика Зеленски да постигне договор со Москва, потенцирајќи дека клучот за мир е во негови раце, но и во рацете на европските земји.
Путин, пак, порача дека состанокот во Алјаска е чекор напред кон донесување на потребните одлуки и дека Русија исто така посакува брз крај на непријателствата.
За денеска (18.08.) е закажан состанок меѓу Трамп и Зеленски во Вашингтон, каде што ќе продолжат разговорите за можностите за мир.

