ТРАМП ДО ХАРВАРД Ќе ја изгубите акредитацијата ако не се промените
Администрацијата на Трамп, како што пренесува „Ројтерс“, врши зголемен притисок врз елитните универзитети во земјата, обвинувајќи ги за промовирање на „левичарска идеологија“ и антисемитизам.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, упати сериозно предупредување до Универзитетот Харвард, наведувајќи дека институцијата ризикува да ја изгуби својата акредитација. Причина, според федералните власти, е можното непочитување на законските стандарди, особено во делот на заштита од дискриминација.
Како што објави „Фајненшл тајмс“, Белата куќа настојува да постигне договор со Харвард за реорганизација на управувањето и функционирањето на универзитетот – потег што Харвард го смета за удар врз академската слобода и кој веќе е предмет на судска постапка.
Трамп, на прашање дали очекува да дојде до договор, изјави:
„Мислам дека ќе дојде. Харвард се однесуваше многу лошо, беше целосно антисемитски, и да – ќе се согласат со договорот.“
Министерствата за образование и за здравство и човечки услуги информираа дека ја известиле Комисијата за високо образование на Нова Англија – телото што ја обезбедува акредитацијата дека Харвард можно е да го прекршил федералниот закон со недоволна заштита на еврејските и израелските студенти.
Во официјалното соопштение се наведува:
„Постојат сериозни индикации дека универзитетот повеќе не ги исполнува стандардите за акредитација.“
Секретарката за образование, Линда Мекмахон, посочи дека очекува комисијата постојано да го информира Министерството за напредокот и мерките преземени во насока на усогласување со законот.
Харвард, пак, тврди дека се работи за политичка пресметка и обид за ограничување на слободата на говор. Од таму нагласуваат дека не ги прифатиле барањата на федералната влада да влијае врз наставната програма и политиките за прием, по што следувало и кратење на федералното финансирање, вредно милијарди долари – што исто така е предмет на судска постапка.
Администрацијата на Трамп, како што пренесува „Ројтерс“, врши зголемен притисок врз елитните универзитети во земјата, обвинувајќи ги за промовирање на „левичарска идеологија“ и антисемитизам.

