ТЕСЕН ПОРАЗ ВО БЕЛГИЈА – Реваншот носи шанса за пресврт
Реваншот во Куманово ќе одлучи за пласман на Европското првенство

Женската ракометна репрезентација на Македонија пропушти голема шанса да остане во борбата за пласман на Европскиот шампионат, откако на гостувањето во Белгија беше поразена со минимални 26:25.
Македонските ракометарки одиграа одлично прво полувреме, во повеќе наврати водејќи и со три голови предност. Нашата репрезентација го започна натпреварот со 2:0, но Белгија брзо израмни на 3:3. Сепак, Македонија направи серија од 3:0 за ново водство од 6:3 и ја контролираше играта. Иако Белгијките се обидуваа да се вратат, одбраната и трпеливиот напад на нашите ракометарки го сочуваа водството, па на полувреме Македонија замина со минимални 15:14.
Во второто полувреме, нашата репрезентација имаше и четири голови предност (18:14 во 38. минута), но потоа подзастана. Белгија направи серија од 4:0 и израмни на 18:18. Македонија повторно поведе со 21:19, но неизвесноста продолжи до самиот финиш. Во 57. минута Белгија поведе за прв пат со 25:24, а нашите ракометарки не успеаја да израмнат во последните секунди.
Најефикасна во белгијскиот тим беше Миниа Смитс со 11 голови, додека кај Македонија прв стрелец беше Јована Кипријановска со седум гола. Сестрите Јанкуловска и Гакидова постигнаа по три гола.
Реванш натпреварот се игра во сабота, на 7 март, во Куманово со почеток од 17 часот, кога македонските ракометарки ќе имаат шанса за пресврт.


