ТЕЛЕФОНОТ ГО ЗАМЕНИ ПАРИЧНИКОТ Еве како граѓаните сè почесто плаќаат

Електронските плаќања во првиот квартал од 2026 година пораснале за над 20 отсто, а мобилните апликации се најчестиот избор на граѓаните.

ТЕЛЕФОНОТ ГО ЗАМЕНИ ПАРИЧНИКОТ Еве како граѓаните сè почесто плаќаат
Фото: Принтскрин

Граѓаните во Македонија сè повеќе ги користат дигиталните начини на плаќање, покажуваат најновите податоци за првиот квартал од 2026 година. Бројот на извршени платежни трансакции со платни налози е зголемен за 10,3 отсто, додека нивната вредност пораснала за 14,6 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Особено изразен е растот кај електронските плаќања. Бројот на овие трансакции е зголемен за 21,9 отсто, а нивната вредност за 23 отсто, што покажува дека граѓаните сè почесто избираат брзи и дигитални решенија за извршување на финансиските обврски.

Најголем дел од електронските плаќања се реализирани преку мобилни апликации. Тие учествуваат со 72,8 отсто во вкупниот број електронски трансакции, а нивната употреба бележи годишен раст од 25,9 отсто. Мобилниот телефон се наметнува како најкористена алатка за плаќање поради едноставноста и брзината. Позитивен тренд има и кај плаќањата со платежни картички. Во првиот квартал бројот на трансакции со картички е зголемен за 12,2 отсто, а нивната вредност за 14,5 отсто.

Растот најмногу се должи на зголеменото користење на картичките за интернет-плаќања, кои се зголемиле за 18,7 отсто, како и на плаќањата на физичките продажни места, каде што е забележан раст од 11,7 отсто. Дополнителен поттик за дигиталните плаќања даваат и новите решенија што ги воведуваат банките, овозможувајќи им на корисниците полесно плаќање преку мобилни уреди без потреба од користење физичка картичка.

Според податоците, дигитализираните картички веќе сочинуваат 17,9 отсто од вкупниот број издадени платежни картички во земјата. Во просек, секоја дигитализирана картичка е искористена за околу четири трансакции преку мобилен телефон, што укажува на промена во навиките на граѓаните и забрзана дигитализација на финансиските услуги.

Трендот покажува дека електронските плаќања и платежните картички имаат сè поголема улога во секојдневното финансиско работење, додека класичните начини на плаќање постепено отстапуваат место на современите дигитални решенија.

CATEGORIES
TAGS
Share This