ТАЖНА ВЕСТ Почина политичкиот аналитичар Агим Јонуз

Во својата богата кариера бил политички аналитичар, колумнист, советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието Љупчо Јордановски, како и на поранешниот премиер Владо Бучковски

ТАЖНА ВЕСТ Почина политичкиот аналитичар Агим Јонуз
Фото: Принтскрин

Попладнево во Скопје, по кратко и тешко боледување, на 63-годишна возраст почина познатиот политички аналитичар Агим Јонуз. Веста за неговата смрт ја потврдија повеќе медиуми.

Јонуз до пред само неколку дена беше активен во јавноста, а пред една недела негови блиски пријатели и соработници информираа дека неговата здравствена состојба се влошила и упатија апел за молитви за неговото закрепнување. За жал, по неколкудневна хоспитализација, ја загуби битката со болеста.

Роден во Скопје, Јонуз се школувал во родниот град и во Белград. Во својата богата кариера бил политички аналитичар, колумнист, советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието Љупчо Јордановски, како и на поранешниот премиер Владо Бучковски. Извршувал и бројни други јавни и советнички функции. Во 2021 година беше носител на советничка листа за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.

Агим Јонуз беше препознатлив по својот остар и искрен стил на изразување. Често учествуваше во ТВ дебати каде отворено ги изнесуваше своите ставови, без воздржаност и дипломатски фрази. Ќе остане запаметен како гласен поборник на соживотот, еднаквоста, слободата и демократијата во Македонија.

Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи во недела, на 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.

CATEGORIES
Share This