ТАЈНИ ПОРАКИ, ИСПИТИ И АДИТИВИ Обвинета Димитровска поднесе оставка

ДКСК на 21 јули потврдија дека Димитровска не доаѓала на работа поради изречени мерки од страна на надлежен суд

ТАЈНИ ПОРАКИ, ИСПИТИ И АДИТИВИ Обвинета Димитровска поднесе оставка
Фото: Национал

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска поднесе оставка од функцијата. Од Собранието информираа дека оставката е доставена до претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, а институцијата ќе постапи согласно утврдените процедури.

Оставката доаѓа по објавата на Обвинителството од 18 јули, кога беше поднесен обвинителен акт против Димитровска за кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според наводите, обвинението е поврзано со случајот „Адитив“, кој се однесува на тендер за набавка на адитиви вреден над 6 милиони евра за потребите на РЕК „Битола“. Првоосомничен во предметот е поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој во моментот е недостапен за органите на прогонот.

Меѓу доказите што ги објави обвинителството, се наведува дека Димитровска на апликации како Вибер и Ватсап споделувала доверливи информации со едно од обвинетите лица во случајот, вклучително и детали за истражни постапки и испитувања на имот. Дополнително, таа наводно испратила логови за безбедносен испит за класифицирани информации на колега кој положил наместо неа.

Од ДКСК на 21 јули потврдија дека Димитровска не доаѓала на работа поради изречени мерки од страна на надлежен суд. Комисијата нагласи дека станува збор за индивидуална одговорност, и дека институцијата продолжува со непречено извршување на своите законски надлежности.

CATEGORIES
TAGS
Share This