СВЕТСКИ ДЕН НА ТЕАТАРОТ 27 МАРТ – Пораки за инспирација и размислување

Од стара куќа до „магацин со крилја“, независниот театар како потреба од живот

СВЕТСКИ ДЕН НА ТЕАТАРОТ 27 МАРТ – Пораки за инспирација и размислување
Фото: Принтскрин

Театарот не е филм. Не е важно местото, туку идејата и суштината. Тој е „сега и овде“ жив, директен, право в очи. Отвора важни разговори и буди теми за кои мора и вреди да се зборува, се вели во македонската порака по повод Светскиот ден на театарот 27 март, која годинава ја состави независниот театар „Златен Елец“, основан во 2020 година во Скопје.

Како што истакнуваат од театарот, тој е полн „магацин со крилја“, како во соништата. Публиката не доаѓа да гледа совршенство, туку да препознае искреност и чиста вистина.

„Наш ‘магацин’ еднаш беше една стара куќа на улица во Скопје. Немавме многу услови, но имавме силен мотив и голема желба за независен театар. Театарот треба да се создава од вистинска потреба и од радост, немир, немоќ, љубопитност, желба да се разбере светот што постојано се менува. Тој е имитација на животот, но и негово преиспитување. Преку него можеме гласно да зборуваме за промени, бидејќи во обичниот живот нема музика што ќе го води расплетот, нема сценограф кој ќе го оживее светот што ни е потребен. Вистинскиот живот е тежок, убав, тажен, краток или долг и театарот отсекогаш го анализирал, го лекувал и нудел утеха, поттикнувал желба за промена и носел провокација.“

Од „Златен Елец“ порачуваат дека да се гледа театар значи да се сонува, а да се работи со театар значи да се валкаш со прашина, шминка, песок, крв и пак да сонуваш.

„Да се откажеш од нормалното за да живееш нешто ненормално, но вистинско и тоа е љубов, пасија и начин на живот. Убава болка што те уништува и те разубавува истовремено.“

Годинашниот автор на меѓународната порака е американскиот актер и театарски творец Вилем Дефо, кој денес е уметнички директор на Театарското биенале во Венеција во рамките на La Biennale di Venezia. Дефо се присетува на своите скромни почетоци во театарската трупа „The Wooster Group“ во Њујорк и нагласува дека публиката, без разлика на бројот присутни, му дава на театарот смисла и живот.

„Социјално и политички, театарот никогаш не бил толку важен за нашето разбирање на самите себе и на светот. Интернетот можеби поставува прашања, но ретко создава чувство на чудо а токму тоа чудо го буди театарот. Тоа се темели на внимание, ангажман и спонтано заедништво на оние присутни во кругот на акција и реакција.“

Дефо потенцира дека предизвикот на современиот театар е да се избегне неговата комерцијализација и институционална стерилност, и наместо тоа да се поттикне неговата моќ да поврзува луѓе, заедници и култури, како и да поставува прашања за тоа каде се движиме.

„Големиот театар го предизвикува нашето размислување и нè поттикнува да замислиме кон што се стремиме. Преку раскажување приказни, естетика, јазик, движење и сценографија, театарот како целосна уметничка форма може да ни покаже што некогаш бил, што е и каков би можел да биде нашиот свет.“

Светската и националните пораки за Светскиот ден на театарот 27 март вечер ќе се читаат на сите театарски сцени во светот, пред изведбите на претставите. Овој ден е востановен од Интернационалниот театарски институт (ИТИ) во 1961 година, а првата меѓународна порака ја напиша францускиот писател, сликар и режисер Жан Кокто во 1962 година.

CATEGORIES
Share This