СВЕДОЦИ РАЗОТКРИВААТ – Десет пријави, снимка од насилство, никој не ја заштитил Ивана

Случајот отвора прашање за системски неуспех, а не изолиран пропуст

СВЕДОЦИ РАЗОТКРИВААТ – Десет пријави, снимка од насилство, никој не ја заштитил Ивана
Фото: Принтскрин

Во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето против Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана и ќерката Катја. Сведоштвата што се изнесуваат откриваат сериозни пропусти на институциите, кои со месеци имале информации за семејно насилство но не презеле ефикасни мерки за заштита.

Еден од најпотресните искази го даде Мартин Саздов, близок пријател на Ивана и сведок на нејзините последни часови. Тој раскажа дека на денот кога Ивана пријавила физичко насилство, полицијата извршила разговор со сопружниците, но наместо заштита им било кажано сами да го решат проблемот.

Според сведочењето, на Ивана ѝ било упатено предупредување дека доколку повторно пријави, може да сноси кривична одговорност за лажно пријавување. Само неколку часа подоцна, таа и нејзината ќерка паднале од тераса.

Иако овие сведоштва се нови за јавноста, тие не биле непознати за институциите. Министерството за внатрешни работи регистрирало повеќе од десет пријави за семејно насилство во семејството Јовановски. Постоела и видеоснимка на која се гледа насилство врз Ивана.

Внатрешната контрола на МВР утврдила пропусти кај 39 полициски службеници и извештајот го доставила до Обвинителството.

И Центарот за социјални работи во Скопје бил запознаен со случајот. На 19 јануари 2026 година, на Клиниката за дигестивна хирургија, Стојанче физички ја оттурнал Ивана по скали пред сведоци и пред детето, по што таа изгубила свест. И покрај сериозноста на настанот, не била направена проценка на ризик, ниту биле преземени мерки против него.

Државниот завод за ревизија уште во август 2025 година предупредил дека системот не обезбедува ефикасна заштита за жртвите на семејно насилство. Во извештајот биле дадени 34 конкретни препораки до надлежните институции.

Сепак, не била донесена нова национална стратегија, а координативното тело за следење на Истанбулската конвенција одржало само три седници во период од четири години, наместо редовните квартални состаноци.

Судењето за Ивана и Катја не укажува на изолиран инцидент, туку на сериозен системски неуспех. Институциите биле информирани, предупредени и сепак не постапиле.

Случајот отвора пошироко прашање, дали ваквите пропусти стануваат правило кога жртвите се жени.

CATEGORIES
Share This