СУДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА НЕЗАДОВОЛНА Вработените се спремни за штрајк од вторник

Средствата од судскиот буџет се користат за тужби на судии, наместо за администрацијата

СУДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА НЕЗАДОВОЛНА Вработените се спремни за штрајк од вторник
Фото: Принтскрин

Од вторник, дел од судовите може да ја прекинат работата, поради незадоволство кај вработените во судската администрација. Според УПОЗ, револтот настанал откако средствата од судскиот буџет, наместо за плати и додатоци на судската администрација, се трошат за тужби поднесени од судии.

„Револтот во судовите трае веќе извесен период. Постои големо незадоволство поради ниски покачувања и неисплата на додатоци по плата. Дополнително, буџетот се користи за плаќање на тужби од судии, кои иако се функционери, бараат регрес за годишен одмор според колективни договори кои не се применливи за нив, туку само за работници. Последните случаи се поврзани со тужби за спогодби, каде судиите претходно потпишале дека нема да тужат. Најново, судскиот буџетски совет одложи исплата на јубилејни награди за вработените, додека судиите ги добиваат своите награди“, изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Поради овие проблеми, буџетот нема доволно средства, а одлуката за исплата на годишните додатоци не е донесена.

„Оваа одлука ја прели чашата. Незадоволството е големо, и нашите членови се подготвени да прекинат со работа од вторник“, додаде Деаноски.

Тој појасни дека нема детали како точно би се одвивал прекинот, но како синдикат ќе стојат на страната на вработените. Штрајкот би довел до одложување на дел од судските процеси.

Дополнително, судската администрација се соочува и со недостиг на кадар, пред се поради ниската почетна плата од 25.000 денари. Проблемите со штрајкови не се нови – претходно, во 2016 и 2023 година, прекините на работа траеја по три месеци, како во судовите, така и во обвинителствата.

CATEGORIES
Share This