СУДЕЊЕ СО 1.440 ДОКАЗИ И 283 СВЕДОЦИ ЗА ПУЛС – Сите обвинети со приговори, никој не призна вина
Од вкупно 117 страници, дури 109 се приговори на одбраната, која тврди дека делата се застарени и дека недостасуваат надлежности и пријави за постапување.

Главната расправа за предметот К.бр. 1872/25 поврзан со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е закажана за 19 ноември 2025 година во 09:30 часот, во судницата на КПУ „Идризово“, соопшти Кривичниот суд – Скопје.
„Обвинителниот акт, кој првично беше поднесен од ОЈО Кочани, а потоа по решение на Јавниот обвинител на РСМ доделен на Скопското обвинителство, е одобрен во целост и согласно АКМИС-системот распределен на понатамошно постапување кај судијката Дијана Груевска Илиевска,“ наведуваат од Судот.
За ефикасно водење на постапката, веќе се определени повеќе термини за главна расправа: 25.11, 26.11, 2.12, 4.12, 10.12 и 11.12.2025 година, а по отпочнувањето ќе бидат договорени и дополнителни. Поканите до странките се во постапка на достава.
Судот укажува сите учесници да бидат присутни најмалку еден час пред закажаниот термин, поради безбедносни процедури, а медиумите навремено да обезбедат дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд.
Инаку, да повториме, ниту еден од обвинетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 64 лица и над 200 беа повредени, не признал вина при оценка на обвинението.
Од вкупно 117 страници, дури 109 се приговори на одбраната, која тврди дека делата се застарени и дека недостасуваат надлежности и пријави за постапување.
Првообвинетиот сопственик Дејан Јованов, кој е во притвор, дел од вината префрла на институциите и организаторите на настапот, а неговиот син и брат тврдат дека немале обврски во управувањето со дискотеката.
Приговори поднеле и инспектори, поранешни градоначалници и функционери. Обвинението опфаќа 34 лица и три компании, со над 1.400 докази и 283 сведоци, што го прави еден од најголемите судски предмети во поновата практика.


