СТРУМИЦА СТАНУВА СЦЕНА НА ВРВНИТЕ АКТЕРИ „Уна“ го отвора 34. фестивал „Ристо Шишков“

Златен медалјон и 1.500 евра за најдобриот, почнува борбата за единствената фестивалска награда

СТРУМИЦА СТАНУВА СЦЕНА НА ВРВНИТЕ АКТЕРИ „Уна“ го отвора 34. фестивал „Ристо Шишков“
Фото: Принтскрин

Струмица повторно станува центар на камерниот театар и актерската уметност. Со претставата „Уна“ на „Звездара театар“ од Белград, утревечер започнува 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

Свеченото отворање ќе се одржи во 20 часот во Центарот за култура „Антон Панов“, а фестивалот официјално ќе го прогласи за отворен градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.

Потоа следува првата фестивалска претстава „Уна“, инспирирана од истоимениот роман на Момо Капор. Режијата е на познатиот македонски режисер Дејан Пројковски, а пред струмичката публика ќе настапат Никола Ристановски, Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

„Уна“ носи силна и емотивна приказна за љубовта, слободата и изборите што го определуваат човечкиот живот. Претставата ја карактеризираат интензивна сценска енергија и впечатливи актерски интерпретации, што ја прават особено соодветна за фестивал посветен на актерот.

Фестивалот ќе трае до 13 септември, а во шесте фестивалски вечери публиката ќе има можност да проследи низа камерни претстави од регионот, во кои актерската игра и интерпретацијата се во самиот фокус на сценскиот израз.

За единствената фестивалска награда „Ристо Шишков“, наменета за највисоко актерско остварување, ќе одлучува жири составено од минатогодишната лауреатка Билјана Драгичевиќ-Пројковска, која е и претседателка на жирито, како и Билјана Ѓуровиќ и Иван Додовски.

Престижното признание се состои од златен медалјон со ликот на легендарниот македонски актер Ристо Шишков и паричен износ од 1.500 евра.

Фестивалот традиционално започнува на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, а и годинава Струмица во наредните шест дена ќе биде место каде што актерската уметност, камерниот театар и врвните сценски интерпретации ќе бидат во центарот на вниманието.

CATEGORIES
Share This