СТАРТУВА СУДСКИОТ ПРОЦЕС ЗА ПУЛС – Пред суд излегуваат поранешни градоначалници, инспектори и сопственици

Процесот ќе се одржува во „Идризово“, со засилен обвинителски тим и повеќе од 30 обвинети.

СТАРТУВА СУДСКИОТ ПРОЦЕС ЗА ПУЛС – Пред суд излегуваат поранешни градоначалници, инспектори и сопственици
Фото: Национал

Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, започнува утре во судницата на затворот „Идризово“.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со јасно утврден план за координација. Тој посочи дека во судницата ќе бидат истите обвинители кои досега работеа на случајот, но можно е да бидат ангажирани уште неколку за да се спречи одолговлекување на постапката.

„Целосно сме подготвени и екипирани“, изјави Коцевски минатата недела.

Обвинението, поднесено во јуни, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив има тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, државни службеници, генерален секретар, како и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се три лица – одговорните и сопственици на фирмата под чија дејност работело кабарето „Пулс“.

Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања. Одлука од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.

Во Основното јавно обвинителство Кочани активно се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.

Според обвинителниот акт, со години се прекршувале закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да работи без да ги исполнува ни минималните стандарди за безбедност. Обвинети се сопствениците на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, поранешни функционери, инспектори, обезбедувачи и други одговорни лица.

CATEGORIES
TAGS
Share This