СРПСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ СО СОМНЕЖ Лидерите на протестите се стипендисти на Германија
Вучиќ нагласи дека Србија ќе продолжи да одржува добри односи со Русија, но и дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг изјави дека не верува дека германската разузнавачка служба БНД ги финансира студентските протести, но нагласи дека е сомнително што нивните организатори биле стипендисти на германската држава.
Вучиќ додаде дека не тврдел оти протестите се целосно организирани однадвор, туку дека дел од финансирањето доаѓа од странство. Според него, многу од демонстрантите се „пристојни луѓе“ со свои ставови.
Тој истакна дека уште во 2023 година имал докази за финансирање од германски фондации, но не ги објавил за да не ги наруши односите со Берлин.
Во врска со изборите, рече дека редовното гласање ќе биде во 2026 година, но не ја исклучи можноста за предвремени избори.
Вучиќ нагласи дека Србија ќе продолжи да одржува добри односи со Русија, но и дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина.
