СОСТОЈБАТА НА ПАТИШТАТА УТРОВО Коловозите суви, сообраќајот непречен

Според најновите информации од АМСМ за состојбата на патиштата на 3 декември 2025 година, сообраќајот на државните патишта во земјата се одвива непречено и по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања во двата правца.
И покрај добрите услови на коловозите, возачите се повикуваат на зголемена претпазливост, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони. Како потенцијално ризични се издвојуваат правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е и сезонскиот зимски режим на возење. Потсетуваме дека од 15 ноември 2025 до 15 март 2026 година е задолжително поседување на зимска опрема во сите возила, независно од моменталните временски услови.
Патниот правец Охрид – Ресен, кој минува низ Националниот парк Галичица, останува затворен за сообраќај за сите видови возила до 31 март 2026 година.
Паралелно со тоа продолжуваат градежните активности на повеќе делници ширум државата, меѓу кои санацијата на потпорни ѕидови на обиколницата во Скопје, работите на експресниот пат Крива Паланка – Страцин, санацијата на свлечиштето кај Косоврасти – Мелнички Мост, како и низа реконструкции и времен режим на сообраќај на коридорите А1 и А2 и повеќе регионални патишта. На овие локации сообраќајот се одвива со изменет режим, рачна регулација или наизменично пропуштање на возилата.
АМСМ апелира до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ја почитуваат поставената сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.


