СОСТОЈБА НА ПАТИШАТА Нормализиран регионалниот пат Трновац – Кратово, возете внимателно!

Сообраќајот на регионалниот пат Трновац – Кратово вечерва е целосно нормализиран, откако претходно беше во прекин поради изведба на градежни активности, информира АМСМ. Исто така, нормализиран е и сообраќајот за тешки моторни возила (ТМВ) кон граничниот премин Блаце.
Во моментов, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, со умерен интензитет на движење надвор од градските средини. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да бидат внимателни, да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сигнализација и особено да внимаваат на можни одрони во клисурите и речните долини. Најризични делници остануваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица и натаму е отворен за возила до 3,5 тони, согласно сезонскиот режим на сообраќај.
Во тек се повеќе градежни активности на автопатите и регионалните патишта низ земјата, меѓу кои и санацијата на мостот Здуње на реката Вардар, обиколницата на Скопје кај Волково и Кондово, како и делниците Крива Паланка – Страцин, Прилеп – Битола и Градско – Дреново, каде што е воспоставен времен режим на сообраќај со наизменично пропуштање на возилата.
Возачите се советуваат да планираат дополнително време за патување и да се информираат преку АМСМ и службите за сообраќај пред поаѓање.


