СОСТАНОК ТРАМП-ЗЕЛЕНСКИ Сите 20 точки речиси усогласени
Средбата во Мајами помина „одлично“ и постигнат голем напредок во мировниот план

Американскиот претседател Доналд Трамп ја оцени средбата со украинскиот лидер Владимир Зеленски и разговорите со рускиот претседател Владимир Путин како „одлични“.
На прес-конференција во Мајами, Трамп изјави дека состанокот со Зеленски поминал многу добро и дека двете страни се приближиле до решавање на конфликтот во Украина.
„Нашата средба помина многу добро. Разговаравме и некои велат 95 проценти, не знам точно, но постигнавме голем напредок во напорите за завршување на оваа војна“, рече Трамп.
Тој посочи дека останале уште 1-2 сложени прашања од договорот за Украина кои треба да се решат, вклучително и суверенитетот над Донбас. Очекуваат дополнителни контакти со Зеленски во наредните недели, при што еден од состаноците е закажан за 29 декември.
Од своја страна, Зеленски истакна дека на средбата биле разгледани сите аспекти на „нашиот мировен план“ и дека е постигнат значителен напредок по сите 20 точки.
„Се согласивме дека безбедносните гаранции се клучна фаза на патот кон траен мир и дека нашите тимови ќе продолжат да работат на сите аспекти. Украина е подготвена за мир“, рече Зеленски.
Тој исто така се заблагодари на посредниците Стив Виткоф и Џаред Кушнер за нивната посветеност во преговорите.


