СООБРАЌАЈОТ СЕ НОРМАЛИЗИРА АМСМ со известување за состојбата на патиштата

СООБРАЌАЈОТ СЕ НОРМАЛИЗИРА АМСМ со известување за состојбата на патиштата

Сообраќајот на регионалниот пат Бунец – Леуново е целосно нормализиран од синоќа во 17 часот, соопшти Автомобилскиот сојуз на Македонија (АМСМ). На делницата од Леуново кон Никифорово и Маврово, екипите ќе интервенираат во текот на денот за расчистување на преостанатите делови од патот.

Во моментов, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, со умерен интензитет надвор од градските средини. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат внимателни при управување со возилата, особено на делниците низ клисурите и речните долини каде што е можно појава на одрони — како Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Сезонскиот режим на сообраќај на патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува во сила за возила со маса до 3,5 тони.

Во тек се и повеќе градежни активности на државните патишта. Виадукт Трејд известува дека од 24 септември се врши санација на потпорни ѕидови на обиколницата кај Скопје, при што е воведен времен режим на сообраќај кој ќе трае четири месеци. Се работи и на повеќе делници низ државата, меѓу кои Крива Паланка – Страцин, Косоврасти – Мелнички Мост, Гостивар – Стража и Градско – Дреново, каде што сообраќајот се одвива наизменично со семафорска регулација.

АМСМ ги потсетува возачите дека дел од регионалните и магистрални патишта и понатаму се под времен режим на сообраќај поради реконструкции на мостови, санации на свлечишта и изградба на нови делници од Коридор 10Д.

CATEGORIES
Share This