СОБРАНИСКИ ИЗБОР – Со убедливо мнозинство Фатон Сељами избран за народен правобранител

Со 89 гласа „за“, Собранието на 65. седница донесе одлука за избор на новиот омбудсман

СОБРАНИСКИ ИЗБОР – Со убедливо мнозинство Фатон Сељами избран за народен правобранител
Фото: Национал

Собранието денеска, во рамки на 65. седница, го избра Фатон Сељами од Тетово за нов народен правобранител на Република Северна Македонија.

За изборот на Сељами гласаа 89 пратеници, шест беа против, додека меѓу пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство, 28 гласаа „за“, а осум „против“.

Сељами е дипломиран правник и магистер по правни науки, со положен правосуден и нотарски испит.

Народниот правобранител го избира и разрешува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што е потребно и мнозинство гласови од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство. Мандатот трае осум години, со можност за уште еден реизбор.

Мандатот на досегашниот народен правобранител, Насер Зибери, истече на 12 јули минатата година, откако ги исполни условите за пензионирање.

Претходно, спикерот на Собранието, Африм Гаши, информираше дека на 12-ти овој месец ги повикал координаторите на пратеничките групи да постигнат усогласување околу изборот на народен правобранител, изразувајќи надеж дека решението ќе биде пронајдено во краток рок.

„Ги повикав координаторите на пратеничките групи да се усогласиме околу ова прашање. Немаше забелешки или противења, потребни беа дополнителни разговори. Се надевам дека наскоро ќе дојдеме до решение“ – изјави Гаши.

Народниот правобранител е независна институција надлежна за заштита на слободите и правата на граѓаните, како и за надзор и следење на законитото работење на институциите од јавниот сектор.

CATEGORIES
Share This