СОБРАНИСКА КОМИСИЈА ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ – Расправа за измените на Кривичниот законик

Во второ читање се разгледуваат 13 амандмани поднесени од пратеници од повеќе партии

СОБРАНИСКА КОМИСИЈА ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ – Расправа за измените на Кривичниот законик
Фото: Принтскрин

На денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците се разгледува Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во второ читање. Предлогот е поднесен од девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и содржи вкупно 13 амандмани.

Амандманите се распределени меѓу повеќе пратенички групи: девет се поднесени од пратеничката на Нова социјалдемократска партија, Соња Мираковска, два од пратеничката на Левица, Јована Мојсоска, а по еден од пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, и на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова.

Како што се наведува во образложението објавено на веб-страницата на Собранието, целта на предложените законски измени е надминување на утврдените слабости во постојните одредби на Кривичниот законик и нивно усогласување со одлуката на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 58/25.

Со измените се предвидува заострување на казнената политика преку зголемување на казните за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето (член 353) и злосторничко здружување (член 394). Целта е повторно воспоставување на нивната превентивна и репресивна функција и зајакнување на борбата против високата корупција, во согласност со забелешките од Извештајот на Европската комисија за 2023 година.

Предлог-законот воведува и ново кривично дело, со кое се инкриминира злоупотребата на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина. Со ова се предвидува кривична одговорност за лицето кое без согласност ќе направи ваква содржина достапна на трети лица, при што како заштитен објект се утврдува приватноста на оштетеното лице.

Во пакетот измени е вклучена и проширената конфискација, преку проширување на листата на кривични дела за кои може да се примени член 98-а од Кривичниот законик. Дополнително, се врши усогласување со Истанбулската конвенција со редефинирање на кривичното дело телесна повреда, при што гонењето по предлог се укинува во случаи на родово базирано насилство, семејно насилство, насилство од омраза или кога делото е сторено врз особено ранливи лица. Во овие случаи гонењето ќе се води по службена должност.

Предвидени се и два нови облици на кривичното дело трговија со дете, со цел поефикасно спречување на злоупотребите поврзани со детското питачење. Законот содржи и технички доуредувања и подобрувања во делот на куќниот затвор, условната осуда со заштитен надзор и проширената конфискација.

Во образложението се посочува дека предложените измени се неопходни за отстранување на потенцијалните штетни последици од измените на Кривичниот законик донесени во септември 2023 година, како и за усогласување со европските и меѓународните стандарди. Дополнително, предлог-законот опфаќа и усогласување на кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето предмети со законските решенија поврзани со проектот „Безбеден град“.

CATEGORIES
Share This