СЛУЧАЈОТ ПУЛС – Во март почнуваат судењата за полицајците поврзани со трагедијата
Обвинението против 13 полицајци за директна поврзаност со трагедијата сè уште не е оценето од судот.

На почетокот на март започнуваат судските постапки против дел од полицајците кои се обвинети за поврзаност со трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која животот го загубија 63 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени. Дел од обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба, додека обвинението против 13 полицајци кои се сомничат за директна поврзаност со настанот сè уште не е оценето од судот.
Според информациите од Кривичниот суд, на 2 март пред суд ќе се појават тројца полицајци обвинети дека внесувале неточни податоци, односно наместо за дискотеката „Пулс“ поднесувале прекршочни пријави за фирма која воопшто не била активна.
Дополнително, девет полицајци се обвинети дека не спровеле целосна и детална проверка при давање согласност за издавање лиценца на дискотеката. Со тоа, како што наведува Обвинителството, му овозможиле на објектот да добие лиценца за 2022 и 2023 година, со намера да се прибави имотна корист од 284.576 денари за 2022 година за правното лице, како и 335.916 денари бруто-плата за неформалниот сопственик на клубот. Обвиненијата за трите групи полицајци беа поднесени на 30 јануари.
Воедно, полицајците кои ја спроведувале акциската контрола, како и началниците во ОВР Кочани и СВР Штип, се товарат дека при контролата во „Пулс“ не презеле мерки за заштита на присутните, ниту пак спречиле активирање на пиротехничката опрема на сцената, која претходно не била пријавена во Полициската станица Кочани.


