СЛУЧАЈОТ ПРИЛЕПСКА БОЛНИЦА Шестмина завршуваат во притвор, 15 под истрага
Инаку, минатата година новото раководство на Општата болница со проширена дејност во Прилеп обелодени дека установата има наследени долгови од 193 милиони денари и блокирана сметка.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп побара притвор за шест лица и мерки на претпазливост за околу 15 други, во рамки на истрагата за злоупотреби во финансиското работење на прилепската болница.
„Поднесени се предлози за притвор за шест лица, а за 15-ина мерки на претпазливост. За шест до седум фирми од Прилеп, Битола и Скопје е предложена забрана за учество во постапки за јавни набавки“, изјави претседателката на Основниот суд Прилеп, Јасмина Шишковска.
Таа најави дека приведените лица наскоро ќе бидат спроведени пред судијата на претходна постапка, каде ќе се одлучува за мерките што ќе им бидат изречени.
Национал веќе пишуваше дека повеќе од десет лица беа приведени во рамки на акцијата на Финансиската полиција која спроведува контрола на работењето на болницата. Активностите вклучуваат проверка на финансиската документација и други докази со цел да се утврди можното постоење на кривична одговорност.
Во април годинава, Финансиската полиција изврши претрес на осум локации поврзани со оваа истрага. Тогаш ОЈО Прилеп соопшти дека се води предистражна постапка поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Инаку, минатата година новото раководство на Општата болница со проширена дејност во Прилеп обелодени дека установата има наследени долгови од 193 милиони денари и блокирана сметка. Токму поради тие сомнежи, Финансиската полиција започна детална проверка на финансиското работење на болницата.


