СЛОВЕНЕЧКИ ПОЖАРНИКАРИ ДОАЃААТ ВО БЕРОВО Стадионoт „Димитар Беровски“ ќе биде логистички центар за гаснење на пожарите

Специјалните противпожарни возила и опрема од Словенија, заедно со 50 професионални пожарникари, денеска ќе пристигнат во Берово како дел од засилените напори за справување со шумските пожари што ја зафатија Малешевијата. Општина Берово информираше дека стадионот „Димитар Беровски“ ќе биде привремено затворен за јавноста, бидејќи ќе служи како логистички центар со сите расположливи ресурси.
Според најавите на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, словенечките екипи тргнуваат денеска околу пладне, а нивното пристигнување се очекува во вечерните часови. Тие ќе бидат дел од координираниот одговор за гаснење на пожарот на планината Готен, кој останува активен и е тешко пристапен за интервенирање.
Словенија веќе има историја на поддршка во вакви кризни ситуации. Во 2021 година, словенечки и австриски пожарникари беа меѓу првите кои се вклучија во борбата со огнената стихија во Малешевијата. Во тие пожари животот го загуби словенечкиот пожарникар Жан Кофол, во чие сеќавање Општина Берово именуваше улица.
Дополнително, подготвеност за помош изрази и Франција, која понуди дополнителни ресурси за справување со шумските пожари во источниот регион на земјава.
Интервенцијата на меѓународните партнери доаѓа во момент на засилена борба со огнот, а локалните власти нагласуваат дека соработката и солидарноста се клучни за надминување на кризата.


