СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ УКРАСЕНО ДО СРЕДИНАТА НА ДЕКЕМВРИ За Нова година ќе има македонски пејачи, но без огномет
Ѓорѓиевски најави дека новогодишното украсување на главниот град треба да биде завршено меѓу 10 и 15 декември, а главната прослава ќе се одржи на плоштадот со настапи исклучиво на македонски изведувачи.

Скопје годинава ќе ја дочека Новата година со македонски музички изведувачи, заедничка прослава на градскиот плоштад и без традиционалниот новогодишен огномет. Новогодишното украсување, според планот на градските власти, треба да биде завршено во периодот од 10 до 15 декември, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Ѓорѓиевски посочи дека главната новогодишна прослава ќе се одржи на градскиот плоштад, а за разлика од претходните години, сите скопски општини ќе се обединат околу организацијата на една заедничка прослава.
Тој информираше дека програмата и деталите за новогодишните настани сè уште се финализираат, вклучително и организацијата на базарите и другите содржини што ќе се одржуваат на плоштадот.
„Главната прослава ќе биде на градскиот плоштад и тука ми е драго што се солидаризираат и колегите, за разлика од минатото, сите скопски градоначалници, да имаме една прослава во главниот град. Така му личи на градот“ рече Ѓорѓиевски.
Една од најважните најави е дека на новогодишната вечер ќе настапуваат исклучиво македонски изведувачи. Градоначалникот вели дека земјата има богата музичка и културна сцена, но имињата на пејачите и изведувачите сè уште не се утврдени.
„Одлучивме оваа година да одиме, како и минатата, со исклучиво македонски изведувачи. Ние имаме богата културна сцена. Не сме ги утврдиле сè уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Новата година“ изјави тој.
Ѓорѓиевски уште отсега ја отфрли можноста за огномет на новогодишната ноќ. Како што рече, одлуката е донесена поради поделени мислења во јавноста за употребата на пиротехнички средства.
„Да најавам уште од сега, огномет нема да има. Има поделени мислења кога станува збор за огнометот за новогодишната ноќ, но одлучивме да нема огномет“ порача градоначалникот.
Во однос на украсувањето, Ѓорѓиевски информираше дека веќе е избран оператор преку транспарентна постапка, а деталите за јавната набавка се достапни во системот за јавни набавки.
Тој најави дека очекува годинашното новогодишно украсување да биде поспектакуларно од претходните години, потсетувајќи дека во минатото имало случаи кога Скопје се украсувало во последните денови од годината, дури на 30 или 31 декември.
Градоначалникот најави дека годинава целта е главниот град навреме да го добие празничниот изглед и скопјани да имаат организирана заедничка прослава за дочекот на Новата година.

