СКОПЈЕ ДОБИВА КОНЦЕРТ ОД СВЕТСКА КЛАСА – Емели Санде доаѓа
Со над 20 милиони продадени изданија, Емели Санде доаѓа во Скопје со спектакуларна продукција

Скопје оваа есен добива настан од светски ранг и концерт на единствената Емели Санде, еден од најмоќните и најпрепознатливи женски вокали на современата соул сцена. На 7 ноември, во арената „Борис Трајковски“, македонската публика ќе има ретка можност во живо да ја доживее уметницата која со емоција, искреност и автентичен звук го освои светот.
Со над 20 милиони продадени изданија, милиони стримови и бројни меѓународни награди, Емели Санде е име со неспорен глобален углед. Нејзините безвременски хитови „Next to Me“, „Read All About It“, „Clown“, „Beneath Your Beautiful“ и „My Kind of Love“ прераснаа во химни што ги обележаа последните години и допреа до милиони слушатели ширум светот.
Скопскиот концерт е дел од нејзината актуелна европска турнеја, на која Санде се претставува со современа, впечатлива и драматична продукција. Публиката може да очекува моќен настап со бенд во живо, врвна сценографија и визуелни елементи, сет-листа составена од најголемите хитови и нови композиции, како и интимни моменти во кои уметницата ја споделува својата креативна и емотивна страна.
Настапот на Емели Санде во Скопје се реализира во рамките на Scream Festival – фестивал кој носи реномирани светски и регионални изведувачи и претставува значаен културен и продукциски придонес за домашната музичка сцена.
Картите се веќе во продажба и можат да се набават преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, како и на продажните места Розе Веро 2, ЈК Травел – Бисер и ЈК Травел Дајмонд.

