СКАНДАЛ НА ЌАФАСАН Албанија ги задржа пратениците од Влен, на едно лице му забрани влез
Повеќе од еден час траела контролата на делегацијата со дипломатски пасоши, а по одбивањето за влез на едно лице, функционерите одлучиле да се вратат во Македонија, додека од Албанија се бара официјално објаснување.

По повеќе од еден час чекање на граничниот премин „Ќафасан“ меѓу Северна Македонија и Албанија, албанските гранични власти не му дозволиле влез во земјата на едно лице кое патувало во придружба на пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи од коалицијата Влен, како и на заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани.
Според пратеникот Беким Ќоку, делегацијата патувала кон Тирана по службени обврски, а сите функционери приложиле дипломатски пасоши. Наместо вообичаената кратка проверка, тие биле задржани повеќе од еден час без да добијат објаснување од албанските гранични служби.
Ќоку изјави дека ситуацијата станала уште понеобична кога биле известени дека на едно лице, кое патувало во друг автомобил, му е одбиен влез во Албанија. Поради тоа, целата делегација решила да се врати во Македонија.
„Она што требаше да биде рутинска контрола од неколку минути се претвори во повеќе од еден час чекање без никакво образложение. Не ни беше кажано зошто не можеме да ја преминеме границата, а потоа дознавме дека на едно лице му е забранет влез. Одлучивме да се вратиме и сè уште не знаеме зошто се случи ова“, изјави Ќоку.
Пратеникот Аднан Азизи оцени дека станува збор за сериозен дипломатски инцидент. Тој нагласи дека четири лица со дипломатски пасоши биле задржани на границата повеќе од еден час, што, според него, претставува неприфатлив третман.
„Ова е дипломатски апсурд. Никогаш не сме доживеале ваков третман, дури ни при преминување на српската граница. Сметаме дека ова е сериозен удар и навреда“, рече Азизи.
Поддршка за пратениците од Влен изрази и лидерот на пратеничката група на Демократската партија на Албанија, Газмент Барди. Тој побара албанската државна полиција јавно и транспарентно да ги објасни причините за случувањето.
Барди порача дека ниту една институција на Албанија нема право понижувачки да се однесува кон легитимните претставници на Албанците од Северна Македонија, оценувајќи дека ваквиот однос е спротивен на обврската на државата да ги почитува и штити Албанците каде и да живеат, како и дека ги нарушува добрососедските односи меѓу двете земји.
„Албанија секогаш треба да биде држава што ги пречекува, почитува и штити Албанците, а не место каде што тие ќе се чувствуваат навредени или попречени. Ова не е само правно, туку и национално и морално прашање“, напиша Барди.


