СИЛНА ПОРАКА ОД МАКЕДОНИЈА – Што порача македонската министерка во Истанбул?
Министерката за енергетика учествуваше на 29. Евроазиски економски самит во Истанбул.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на 29. Евроазиски економски самит во Истанбул, каде главен фокус беа глобалната енергетска безбедност, климатските предизвици и последиците од војните, конфликтите и миграциите врз светската економија и стабилност.
Самитот, кој се одржа под мотото „Global Responsibility – The Post-War World with War, Terrorism, Conflict, and Involuntary Migration“, собра политички лидери, министри, дипломати, академици и претставници на бизнис-заедницата од повеќе континенти, со цел отворање нов дијалог за поодржлива и постабилна иднина.
Божиновска говореше на панел посветен на енергетиката и економијата во поствоени услови, заедно со актуелни и поранешни министри, европски политичари и претставници на меѓународни институции од Европа, Азија и Блискиот Исток.
Во своето обраќање таа порача дека енергетиката денес не е само економско, туку и безбедносно и стратешко прашање за државите.
„Изолацијата не е стратегија. Соработката е“, истакна министерката.
Таа нагласи дека Северна Македонија активно работи на диверзификација на енергетските извори, инвестиции во обновливи извори на енергија и модернизација на енергетската инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на енергетското поврзување на Балканот, кое според Божиновска претставува геополитичка неопходност, а не само инфраструктурен проект.
Таа предупреди и дека зелената транзиција мора да биде праведна и социјално одговорна, без создавање енергетска сиромаштија и дополнителни економски нееднаквости, особено кај земјите во развој и транзиција.
„Зелената транзиција не може да успее ако создава енергетска сиромаштија и ги продлабочува нееднаквостите“, порача Божиновска.
Министерката потенцираше и дека малите држави не смеат да останат пасивни набљудувачи на глобалните промени, туку треба активно да учествуваат во креирањето на новите регионални и меѓународни политики.
