СИЉАНОВСКА ДАВКОВА СО ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД 11 ОКТОМВРИ – Отпорот и антифашистичката борба се неразделен елемент на македонската ДНК

СИЉАНОВСКА ДАВКОВА СО ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД 11 ОКТОМВРИ – Отпорот и антифашистичката борба се неразделен елемент на македонската ДНК

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, со порака дека денешниот празник не е само потсетување на минатото, туку и повик за единство и мудрост во времето што доаѓа.

„Им оддаваме почит на оние кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани,“ порача Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека востаниците со својата борба ја оствариле вековната визија за слободна и независна држава, а нивниот пример останува доказ дека застанувањето на страната на правдата и отпорот кон фашизмот секогаш водат кон победа.

„Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се дистанцираа, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се дел од нашата слободарска традиција и македонската ДНК,“ истакна претседателката.

Во честитката таа предупреди и на современите предизвици со кои се соочува општеството, потенцирајќи дека денес повеќе од кога било се потребни илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст.

„Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија и подготвеност за жртва,“ порача Сиљановска-Давкова, честитајќи им на сите граѓани 11 Октомври – Денот на народното востание.

CATEGORIES
Share This