ШТО ДА ГЛЕДАТЕ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ – Најдобрите и најлошите божиќни филмови според бројките

Филмови од врвот на празничната листа и филмови кои треба да се прескокнат

ШТО ДА ГЛЕДАТЕ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ – Најдобрите и најлошите божиќни филмови според бројките
Фото: Принтскрин

Изборот на божиќен филм што ќе ги задоволи сите во семејството често претставува предизвик, а дискусии за најдобриот празничен наслов се водат секоја година. Но, наместо да се потпираме само на лични вкусови, помош нудат бројките.

Со комбинирање на оцените од популарните страници „Ротен Томејтос“ и „IMDb“ е составена конечната листа на најдобрите божиќни филмови на сите времиња.

На врвот на листата, очекувано, се најде безвремениот класик од 1946 година – „Животот е прекрасен“ (It’s a Wonderful Life). „Ротен Томејтос“ го опишува како празничен класик што ги дефинира сите празнични филмови и е еден од ретките што навистина вреди да се гледа. Со оценка од критичарите од 94%, оценка од публиката од 95% и рејтинг 8,6 на „IMDb“, „Животот е прекрасен“ има највисока комбинирана оценка на листата.

Веднаш зад него, на второто место, се наоѓа „Клаус“ (Klaus), анимирана приказна од 2019 година за поштар кој се спријателува со осамен производител на играчки. Филмот плени со емотивната приказна и уникатниот визуелен стил.

На третото место е поновиот наслов „Останатите“ (The Holdovers) од 2023 година. Пол Џијамати го игра намќорестиот професор кој е принуден да ги помине празниците во интернат со ученици што не можеле да си заминат дома. „Ротен Томејтос“ го опишува како драма што поттикнува на размислување, со извонредни актерски остварувања.

Во топ-10 се најдоа и други класични и популарни наслови: „Продавница зад аголот“ (The Shop Around the Corner), „Умри машки“ (Die Hard), „Апартман“ (The Apartment) и „Ноќта пред Божиќ“ (The Nightmare Before Christmas)

Податоците откриваат и кои филмови е најдобро да се избегнат: Според критичарите на „Ротен Томејтос“ тоа се „Украсено соседство“ (Deck the Halls) со Метју Бродерик и Дени де Вито доека публиката најниска оцена му дала на хоророт „Црвен Божиќ“ (Red Christmas) од 2016 година. Корисниците на „IMDb“ пак го прогласиле за најлош божиќен филм „Злобниот“ (The Mean One), хорор од 2022 година инспириран од ликот на Гринч.

CATEGORIES
Share This