СЕРИОЗНИ НАОДИ – Судски предмети чувани во фиока до застарување
Работна група утврдила пречекорени рокови, одложувани седници и предмети што застареле поради одолговлекување на постапките.

Судскиот совет утврди сериозни сомневања за несовесно и нестручно постапување на судија од Апелациониот суд во Скопје, поради значително одолжување на судски постапки што довело до апсолутна застареност на одредени предмети. Според наодите, дел од предметите со месеци стоеле нерешени, а во некои случаи биле чувани во фиока сè до истекување на роковите за кривичен прогон.
Иако на седницата не беше официјално објавено името на судијата, околностите укажуваат дека станува збор за апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Против него и претходно биле поднесувани анонимни претставки до Судскиот совет. Неговото име повторно привлече внимание во јавноста откако во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени околу 350.000 евра, заѕидани во кујнски ѕид, по што беше отворена истрага.
Работната група на Судскиот совет, по спроведен вонреден увид, констатирала пречекорување на законските рокови, неоправдани одложувања на јавни седници, како и случаи во кои обвинетите подолг период останувале во куќен притвор поради одложување на постапките. Во еден од предметите, објавувањето на пресудата било одложено дури 62 дена по завршувањето на расправата, што претставува повреда на одредбите од Законот за кривичната постапка.
Во извештајот е посочен и предметот „Спец каса“, кој пред Апелациониот суд се водел речиси година и пол. Во тој период биле закажани 16 јавни расправи, а на крајот настапила апсолутна застареност на 30 декември 2025 година. Во друг случај, застарувањето било избегнато само благодарение на итното постапување на Врховниот суд.
Судскиот совет заклучи дека постојат основи за сомневање дека судијата не вложил доволно напори предметите да бидат решени навреме, со што кривичниот прогон бил доведен во опасност од застарување.
Во меѓувреме, Советот му го одзеде судискиот имунитет на Ристов, даде согласност за определување мерка куќен притвор и донесе одлука тој привремено да биде оддалечен од вршењето на судиската функција сè до правосилното завршување на кривичната постапка.


