СЕЛА ГО ОСПОРУВА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДЕН ГРАД – Владата крие нешто
Лидерот на Алијанса за Албанците тврди дека законот требало да помине низ јавна расправа и владинa процедура

Зијадин Села од Алијанса за Албанците денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за прекршоци, кој беше донесен со цел имплементација на системот „Безбеден град“. Според Села, станува збор за закон што директно ги засега сите граѓани и поради тоа требало да биде предложен од Владата и да помине низ широка јавна расправа, наместо да биде усвоен по пратеничка иницијатива и по скратена постапка.
„Со овој закон се удира врз целото население и никако не е дозволено да помине по брза постапка. Се поставува прашањето зошто проект што со месеци го промовира Владата формално е предложен од пратеници во Собранието. Што сака да скрие Владата и зошто самата не излезе со оваа иницијатива?“, изјави Села.
Тој посочи дека законот не предвидува известувањата за прекршоците регистрирани преку системот „Безбеден град“ да бидат двојазични, туку се испраќаат исклучиво на македонски јазик, што, според него, е спротивно на Законот за употреба на јазиците.
Дополнително, Села оцени дека е спорно и доставувањето казни преку СМС-пораки или електронска пошта, бидејќи граѓаните немаат законска обврска да поседуваат мобилен телефон или е-мејл адреса.
„Имам право да не носам телефон со себе и да немам електронска пошта. Единствена законска обврска е да имаме адреса на живеење. Ако веќе се предвидува вакво решение, тогаш граѓаните би морале постојано да ги пријавуваат сите промени на телефонскиот број или е-мејл адресата во полиција“, рече Села.
Тој нагласи и дека системот „Безбеден град“ во моментов се применува само во три града, додека поголемиот дел од територијата на државата не е покриен со камери, што, според него, дополнително го ограничува неговото дејство.
Да потсетиме, Национал веќе пишуваше дека и крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците на 23 јануари го оспори овој закон пред Уставниот суд.

