СЕДУМ КАНДИДАТИ ВО ТРКА ЗА СКОПСКОТО ВИШО ОБВИНИТЕЛСТВО – Кој ќе го замени Мустафа Хајрулахи

Седум обвинители конкурираат за функцијата, меѓу нив и поранешни членови на Специјално јавно обвинителство.

СЕДУМ КАНДИДАТИ ВО ТРКА ЗА СКОПСКОТО ВИШО ОБВИНИТЕЛСТВО – Кој ќе го замени Мустафа Хајрулахи
Фото: Национал

Советот на јавните обвинители во среда, на 18 март, ќе одржи седница на која треба да биде избран нов шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, како наследник на Мустафа Хајрулахи.

За функцијата се пријавени седум обвинители. Меѓу кандидатите од Вишото обвинителство се Фатиме Фетаи, Владимир Милошоски, Артан Ајро и Трајче Пеливанов. Во трката се и обвинителите од Основното јавно обвинителство Скопје, Александар Маркоски и Јасмина Костеска Здравеска, како и Џелал Бајрами од Републичкото јавно обвинителство. Дел од кандидатите претходно работеа и во поранешното Специјално јавно обвинителство.

На истата седница Советот ќе треба да избере и петмина обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде што за позициите конкурираат десет кандидати.

Меѓу пријавените се и обвинителките на кои им истекува мандатот во ова обвинителство: Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска, Енѓелуше Кадриу-Леши, Ивана Алексова-Трајчева и Сузана Мирческа-Кузмановска.

Кандидати се и вишите обвинители Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои претходно работеа токму во ова обвинителство, пред да бидат избрани во Вишото скопско обвинителство. И двајцата беа дел и од поранешното Специјално јавно обвинителство.

Во конкуренцијата се и тројца обвинители од Скопското обвинителство: Александар Маркоски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојановиќ-Димитровска.

Мандатот на обвинителите во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција трае четири години, а со институцијата раководи обвинителот Ислам Абази. Пред околу шест месеци мандат во ова обвинителство добија и обвинителките Наташа Поп-Трајкова и Катерина Коларевиќ.

CATEGORIES
Share This