СЕ БАРАШЕ БИЛЕТ ПОВЕЌЕ Ова е резултатот од 40 дена „Охридско лето“

Распродадени настани, преполни локации и илјадници посетители го одбележаа 66. издание на фестивалот.

СЕ БАРАШЕ БИЛЕТ ПОВЕЌЕ Ова е резултатот од 40 дена „Охридско лето“
Фото: Принтскрин

Со 40 фестивалски денови исполнети со музика, театар, балет и џез, 66. издание на „Охридско лето“ повторно ја потврди својата позиција меѓу најзначајните културни настани во земјава и како препознатлива фестивалска сцена во Европа.

Годинава фестивалот понуди 48 настани на кои настапија повеќе од 700 уметници од 24 земји. Од свеченото отворање со оперската гала „Љубов“, па до последните фестивалски вечери, охридските сцени беа исполнети со врвни домашни и странски уметници и бројна публика.

Посебно внимание привлече отворањето на Античкиот театар со светската оперска ѕвезда Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново, кои настапија со оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Марко Боеми. Концертот беше распродаден две недели пред фестивалот, а го следеа повеќе од 4.000 посетители.

Голем интерес имаше и за останатите фестивалски содржини. Повеќе настани беа распродадени однапред, а преполните концертни и театарски простори и долгите аплаузи беа еден од главните белези на овогодишното издание.

„Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика која беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што интересот беше огромен уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат“, изјави директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Програмата опфати различни музички жанрови – од опера и класична музика, преку камерни и вокално-инструментални концерти, до современи музички форми. Посебно место имаше OH, JAZZ 2026, кој со четири вечери го збогати фестивалскиот репертоар со современ џез и настапи на реномирани имиња, меѓу кои Нубаја Гарсија и Питер Сомуа.

Театарската програма понуди внимателно избрани претстави, додека балетската вечер со „Кармен сюита“ и „Болеро“ донесе впечатлива комбинација на музика, движење и сценски визуелен израз.

Во рамките на фестивалот беа застапени и содржини посветени на македонското културно наследство. Со промоцијата на монографијата за животот и творештвото на Ана Липша-Тофовиќ беше одбележана 100-годишнината од нејзиното раѓање, со што уште еднаш беше истакната улогата на „Охридско лето“ во афирмирањето на македонската култура.

Посебен интерес предизвикаа и концертите на Стефан Миленковиќ, Ана и Игор Дурловски и Националниот џез-оркестар, кои донесоа рекордна посетеност на сцените Предворје на „Света Софија“ и Долни Сарај.

Според организаторите, успехот на фестивалот е резултат на работата на целиот тим, но и на поддршката од Министерството за култура и туризам, партнерите, спонзорите и генералниот спонзор А1 Македонија.

„Охридско лето“ и по завршувањето на 66. издание остава зад себе бројни незаборавни вечери, преполни простори и силни реакции од публиката. Фестивалот продолжува со амбиција да ги подигнува уметничките стандарди и да ја зацврстува својата позиција како една од најпрепознатливите македонски културни визит-карти во светот.

CATEGORIES
Share This